Водич низ Берлинале од нашиот победник Драган Ристовски
Победникот на нашиот Европски филмски предизвик, Драган Ристовски минатата недела ја „вкуси“ атмосферата на Берлинскиот филмски фестивал
Победникот на нашиот Европски филмски предизвик, Драган Ристовски минатата недела ја „вкуси“ атмосферата на Берлинскиот филмски фестивал од кој се врати во Скопје со голем број искуства, изгледани филмови и желба повторно да го посети овој реномиран настан. Вели дека Берлин е уметнички град во кој има многу места кои се интересни за посета, со перфектно организиран јавен транспорт каде и покрај големиот број на посетители не се забележува гужва и застој во сообраќајот.
Ги погледнал филмовите Suzume, Mutt, Der vermessene Mensch, Mal Viver и Disco Boy. Драган посочува дека секој посетител на Берлиналето мора да се подготви уште пред почнување на фестивалот и да биде комплетно посветен при резервација на картите.
- Изгледав некои од фаворитите, како Suzume и Der vermessene Mensch. Имав карта и за Heroico, но по моја вина го испуштив. Генерално сите што ги изгледав ми се допаднаа, освен Mal Viver, кој некако беше премногу бавен за мој вкус и тежок за следење – вели Драган.
Успеал да се сретне и со некои од победниците на Европскиот филмски предизвик од други земји – Шпанија, Словенија и Босна и Херцеговина. Истакнува дека најмногу на Берлиналето го фасцинирала филмската култура.
- Најмногу ме импресионираше почитта и културата на гледање на филм. Не забележав во некое кино да продаваат пуканки и грицки па немаше некој да ти грицка храна додека ја гледаш проекцијата. Како алтернатива видов некој со чаша вино или пиво да го гледа филмот што е поелегантно решение отколку некој да се храни додека го гледа филмот и да смета. Нешто такво би сакал и кај нас – додава Драган.
Посочува дека секој филмски ентузијаст кој сака да го посети Берлиналето најдобро е прво да го види Берлин и потоа на следната средба да се посвети на фестивалот.
- Мене ова ми беше прв пат да го посетам Берлин така да не стигнав да посетам доста места што ми беа во план и закаснив на две проекции, друга опција е да останат и после завршување на Берлиналето – посочува тој.
Драган после овогодинешните импресии веќе планира и нова посета на овој град и на овој фестивал со кој се врати со позитивни впечатоци.