Топ 3 европски филмови според актерката Тамара Ристоска
Иако не сака да прави голема разлика меѓу филмови од американска и европска продукција, вели дека може да издвои неколку европски филмови кои ѝ оставиле најголем впечаток.
Јана, Ангела, Сандра ... Ова се само дел од комплексните и слоевите женски ликови кои младата актерка Тамара Ристоска досега ги има отелотворено на големиот екран. На отворањето на Европскиот филмски фестивал „Синедејс“ премиерно беше прикажано долгометражното остварување „Мими“ на режисерот Даријан Пејовски во кој таа ја толкува улогата на младата мајка Сара. За неа ова е еден од подрагите ликови и филмски искуства иако филмот е сниман во екот на пандемијата со Ковид-19.
- Пред снимањето имавме интензивни проби и подготовки кои што навистина го олеснија процесот. Со колегите создадовме еден здрав простор за соработка и режијата беше оставена во сигурни раце. Снимањето се одвиваше во вонредни услови, во екот на пандемијата, но тоа не влијаеше на работната атмосфера – посочува таа.
Иако не сака да прави голема разлика меѓу филмови од американска и европска продукција, вели дека може да издвои неколку европски филмови кои ѝ оставиле најголем впечаток.
„Кратка средба“ на Дејвид Лин
Британска романтична драма снимена во 1945 година која е во режија на Дејвид Лин. Говори за британскиот приградски живот во чиј центар е Лаура, сопруга и мајка, чиј живот станува комплициран поради случајната средба на железничка станица со странецот Алек. Тие набрзо создаваат емотивна врска што доведува до несакани последици.
Филмот е победник на Канскиот фестивал и воедно бил номиниран за три Оскари во категориите: најдобра актерка во водечка улога, најдобар режисер и најдобро сценарио.
„Пијанистка“ на Михаел Ханеке
Изабел Ипер ја толкува улогата на немажена професорка по пијано на Виенскиот конзерваториум која живее со мајка си и постојано е исполнета со сексуални фрустрации.
Овој француско-австриски филм на режисерот Михаел Ханеке е награден со гран-при на Канскиот филмски фестивал и севкупно има освоено 18 награди на најголемите фестивали низ целиот свет.
„Тони Ердман“ на Марен Аде
Германскиот филм „Тони Ердман“ во сценарио и режија на Марен Аде беше номиниран за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, БАФТА, Златна палма и Златен Глобус.
Оваа драма/комедија зборува за чудната борба на еден татко за местото во животот на ќерката. Улогите ги толкуваат: Сандра Хилер, Петер Симонишек, Томас Лојбл, Влад Иванов и други.