Драган Ристовски: Берлин е град кој треба одново да го истражуваш
Победникот на Европскиот филмски предизвик, Драган Ристовски минатата недела првпат го посети Берлин како гостин на Берлинскиот филмски фестивал.
Победникот на Европскиот филмски предизвик, Драган Ристовски минатата недела првпат го посети Берлин како гостин на Берлинскиот филмски фестивал. Вели дека ова е град за кој треба време целосно да го осознаеш. Забележал дека има перфектен јавен транспорт, многу погодности и удобности за велосипедистите како и големи паркови и места кои се интересни за посета. За луѓето кои првпат доаѓаат во Берлин посочува неколку насоки.
- Да се подготват уште пред да дојдат и да ги маркираат на апликација сите места кои сакаат да ги посетат. Некои се многу блиску едно до друго па ќе можат кога посетуваат некое место или настан да проверат што има во близина. Најдобро e да почнат со посета на Бундестагот, која е бесплатна, но мора да закажат термин. Може да се закаже и со македонска лична карта. При искачување на куполата може да се слуша виртуален водич кој објаснува за објектите кои ги гледаш во панорамскиот поглед на Берлин. За симнување повеќе се кажува за самиот Бундестаг. Исто така во близина на самиот Бундестаг има повеќе знаменитости кои може да се видат, а и пожелно да се провери на googlе maps, на пример, во моментот каде што се наоѓаш да не има нешто интересно. Така случајно го најдов музејот на Helmut Newton познат моден фотограф – вели Драган.
За време на посетата на Берлин успеал да посети повеќе места меѓу кои Бундестагот и Брандебуршката порта.
- Бев и кај Споменик на убиените Евреи од Европа, топографија на теророт, но само надворешниот дел. Видов и дека имаат затворен дел само не успеав да го погледнам. Бев и во Ист сајд галери, ТВ кулата, но беше затворена за посета. Ги посетив Музејот на технологија, Футуриум музејот, Музејот на Хелмут Њутон, Столбот на Победата, а за останатите места оставам простор за следната посета – додава Драган.
Најголем впечаток му оставил Berlinale Palast каде гледал филм и имал среќа да биде во најгорниот балкон. Посочува дека Берлин изобилува со интересни локации за инспирација.
- Мене лично ме фасцинираа подземните станици. Една посебно ми беше во план за посета, но за жал не успеав да ја посетам, тоа е Messedamm Underpass. Може да ја изгуглате, сигурно некој ќе ја познае од сцени на некој филм, доста е користена за снимање на филмови. Би го спомнал и Споменикот на убиените Евреи од Европа како интересна локација за фотографирање – додава тој.
Што се однесува до храната со оглед дека постојано бил во движење постојано купувал брза храна.
- Од нивни специјалитети пробав Currywurst само не ми допадна. Инаку имаа доста донери, ќебапи па како да си во Скопје. Има и источна храна. Пробав од јапонско бистро, тоа беше ок, само слично има и кај нас како кинеска храна. Јас не ја знам баш и разликата помеѓу јапонска, кинеска и корејска кујна – вели Драган.
Според него Берлин е град за кој треба да се посветат повеќе денови за да го истражуваш со побавно темпо.