ИНТЕРВЈУ: Игор Иванов Изи, режисер
Слободата на изразот и критиката на општеството се битието на филмската уметност
Игор Иванов Изи посветен режисер, кој воедно е и претседател на Друштвото на филмските работници зборува за успешноста која ја постигна долгометражниот филм „Хомо“, кој е негов трет долгометражен филм. Приказните кои се прикажани низ шесте ликови, зборуваат за постојаната потрага по среќата, личната реализација, како и потрагата по вистинската љубов.
1. И покрај многуте рестрикции поради пандемијата со COVID-19 вирусот долгометражниот игран филм „Хомо“ успеа да дојде до публиката, пред се во Македонија. Имаше премиера на отворено, а се прикажува и во кино салите. Кој е предизвикот за филмските работници во продукција и секако промоција и дистрибуција на филсмките остварувања во ова време, имајќи предвид дека ситуацијата многу полека се враќа во „нормала“?
Ние многу размислувавме дали филмот треба да оди во дистрибуција или да почека подобри времиња. Победи мислењето дека без разлика на сите ограничувања, едноставно ова е неговото време, неговата „карма“, да биде дел од оваа „ковид епоха“ и се што таа носи со себе. Актуелната пандемија вртоглаво брзо ја менува индустријата, особено начинот на пласман и дистрибуција на подвижните слики. Киното е во трет план, додека дигиталните платформи доживуваат невидена експанзија. Процес кој веројатно секако ќе се случуваше, но нешто што во нормални околности ќе траеше деценија или две, сега се случува за година или две. И колку сето тоа да изгледа помалку страшно и апокалиптично, сепак е возбудлив процес, како едно „итање“ кон иднината. Дигиталната ера безмилосно се справува со остатоците од популарната култура на 20тиот век и не турка кон едно ново време во кое за хуманизмот има се помалку место. По националната премиера, Хомо ја имаше својата светска премиера на фестивалот во Гоа, а потоа и на серија фестивали на американскиот континент. Ние сѐ уште сме фокусирани на фестивали кои подразбираат и кино проекции, пред филмот да биде целосно препуштен на кабелските оператори и ВОД платформите. Хомо играше во Милениум и Синеплекс, а по нормализирање на состојбите ќе следува уште еден кино турнус, за сите кои поради пандемијата беа спречени да го видат.
2. Во филмот се прикажуваат шест индивидуални приказни, со шест различни карактери, во поврзани епизоди исполнети со црн хумор. Дали можете за сите шест лица, да наведете по три карактеристики, по кои се разликуваат едни од други, а ја отсликуваат улогата на истите?
Прашањето е навистина интересно, но искрено не би можел таксативно да набројувам карактеристики на ликовите. Тие се искажани и интерпретирани, а за да бидат разбрани и доживеани, најдобро е да се погледне филмот. По овие шест карактери впрочем се и насловени шесте сегменти или можеби поточно шесте епизоди од кои е сочинета приказната. Некои во иронична, некои пак во буквална смисла, сметам мошне јасно ги означуваат општествените стереотипи со кои секојдневно сме опкружени.
3. Во една Ваша изјава кажавте дека „Хомо“ е скопски филм, за нашата генерација и времето во кое живееме. Дали некоја од шесте приказни има некаква поврзаност со Вашиот живот или со животот на некој Ваш близок? Кој беше мотивот за да се почене овој проект?
Убеден сум дека не јас, туку секој режисер и автор е животно поврзан со секој свој филм. Нашите филмови се нашиот живот, нашите соништа и потсвест. За време на паузата од една „пичинг“ сесија на EAVE, каде што со Томи Салковски презентиравме сосема друг проект, ми светна оваа нестандардна наративна конструкција. Воден од идејата дека веројатно единствено „блажените“ меѓу нас, во поново време означувани и како лица со посебни потреби се способни вистински да љубат, наспроти нас останатите, таканаречени „нормални“ чии животи се претвораат во трка за стекнување на комфор и општествена позиција, не оставајќи по пат малку простор за вистинска среќа и губејќи ја сета способност за малку љубов. Овие шест ликови сме ние, луѓето денес, овде и сега…
4. Актерската екипа има познати и докажани актери, како се реализираше кастингот, дали однапред знаевте кој актер би сакале да игра одредена улога? Колку време беше потребно да се најдат соодветните актери за главните улоги во филмот?
Беше тоа темелен кастинг процес кој траеше неколку месеци. Добив асистенција и безрезервна посветеност од страна на Дина Дума, која со задоволство прифати да соработува со мене во поделбата на улогите. Свесен дека во оваа студија на епизодни карактери токму актерите ќе го понесат најголемиот товар, но и ќе му дадат тежина на филмот конципиран и осмислен да биде зависен од „вонредни“ актерски остварувања, работевме мошне посветено… Кастингот се одвиваше на територија на Македонија, Косово, Бугарија и Србија. Многу сум задоволен од сите, особено од Сашко Коцев кој направи храбар исчекор кон улога која навидум „не му припаѓа“, а со која бев уверен дека ќе го потврди својот огромен талент и актерска вештина каква што ретко кој поседува. Уживав во креирањето на перформансите на Наташа, Јоцо, Басри, Мајлинда, Игор, Јоана, Сергеј, Оли и секако Цако!, но и во малите бисерни појави на Славиша, Дениз, Наталија… Беше ова прекрасно искуство со извонредена екипа актери.
5. Дали повеќе сакате европска или холивудска кинематографија? Многумина сметаат дека европската кинематографија секогаш има посилна и подлабока порака до гледачите? Која е пораката што ја пренесува „Хомо“ и дали мислите дека подеднакво влијае кај сите и дали подобро би ја разбрале гледачите во Европа или светот?
Добар филм е добар филм и во Холивуд и во Европа. За Азија и да не зборуваме, источната кинематографија, а особено Кореа и Кина и секако Јапонија веќе подолго време покажуваат своевидна доминација преку еден посебен, многу современ естетски профил. Она што го карактеризира европското кино, поточно филмовите кои претендираат да се наметнат на филмските фестивали е нивната политичка компонента, односно општествената ангажираност изразена преку критика на социо-политичкото опкружување. Слободата на изразот и критиката на општеството се втемелени во атомот, тие се битието на филмската уметност без разлика од каде таа и да доаѓа, дури и кога е од Холивуд. Подеднакво ми се блиски и драги филмовите од Франција, Германија, Америка, Русија, Кореа, Тунис…. немам преференци и ограничувања.
6. Сите знаеме дека обврските во текот на денот можат да бидат пренатрупани. Дали ќе можете да ни опишете како Игор Изи го организира својот работен ден, исполнет со голем број обврски?
Мојата работа е главно поврзана со осмислување, пишување, средби и состаноци. Секој еден ден е различен, а сето тоа, сите овие години наназад се сведува на едно исто. Некој нов филм, серија, реклама… А потоа снимање, па монтажа, па звук, па промоција… И така до бескрај. Се обидувам секојдневно да најдам малку време за мојот велосипед, зошто во него се крие тајната на младоста. Мислам дека тој ми го чува и умот и здравјето. Доста време ми одземаат и ангажманите околу Друштвото на филмски работници, во обидите за подобрување на статусот и условите за работа за нас, филмските професионалци.
7. И за крај, кажете ни што може да очекуваме на филмската сцена од Ваша страна? Дали се спрема нешто исто толку убаво и посебно?
Секогаш се подготвува нешто ново за филм и за ТВ. Колку ќе биде убаво или посебно, никогаш не се знае. Само публиката е таа која вистински знае да вреднува, ја има моќта да прсуди, да воздигнува и приземјува…