ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ ПРЕПОРАЧУВА ТРИ ЕВРОПСКИ ФИЛМОВИ СО ИЗАБЕЛ ИПЕР

Во тек е третиот European Film Challenge. Следува лето исполнето со европски филмови, проекции под отворено небо, мини-предизвици, награди, и се разбира – прогласување на победникот кој ќе отпатува во септември во Венеција на престижниот филмски фестивал. 

За да не мора никогаш повторно да се прашувате ‘кој европски филм да го гледам следно’, ве покануваме да го следите нашиот блог #ФилмофилитеПрепорачуваат каде редовно објавуваме препораки за добар европски филм од нашите пријатели – филмофили.

За почеток на новиот циклус, го прашавме актерот Васил Зафирчев кои 3 европски филмови ѝ ги препорачува на публиката. Еве го неговиот избор:

Препорачувам три филмски остварувања со мојата омилена француска театарска и филмска дива Изабел Ипер (Isabelle Huppert), пред сè заради нејзината посебна актерска емоционалност, нескротлива и непредвидлива актерска природа, но најмногу заради нејзината извонредна актерска постапка и третман што ја прави една од најголемите актерки на современиот европски филм.

1.       The Piano Teacher - https://www.imdb.com/title/tt0254686/

Режија: Michael Haneke – Еротска Драма (Франција, Германија, Австрија ) 2001

Француска еротска драма, напишана и режирана од Михаел Ханеке, со Ипер во главната улога како немажена учителка по пијано, која живее со својата мајка и која во состојба на емоционален и сексуален дизбаланс влегува во садомазохистичка врска со својот студент.

2.       Things Тo Come – https://www.imdb.com/title/tt4120176/

Режија: Mia Hansen-Løve – Драма (Франција, Германија)  2016

Француско-германска драма во режија на Миа Хансен Леве, во која Ипер ја игра главната улога на професорка по филозофија во средни години, која во животот се соочува со смртта на мајка си, отказ од работа и сопруг кој ја изневерува.

3.       Happy End – https://www.imdb.com/title/tt5304464/

Режија:  Michael Haneke – Драма (Франција, Германија, Австрија ) 2001

Потресна филмска драма напишана и режирана од Мајкл Ханеке, во која Ипер игра заедно со големиот француски актер Жан Луј Трентињан (Jean-Louis Trintignant), со кој исто така играа татко и ќерка во филмот на Ханеке „Љубов“ (L’amour) од 2012 година.