ИНТЕРВЈУ: Наталија Теодосиева, актерка
Борбена и упорна кон постојаната среќа и силната љубов
Наталија Теодосиева успешна и млада актерка, која е неверојатно талентирана, амбициозна и страсна за достигнување на врвот, зборува за улогата на Родна која ја имаше во филмот „Врба“. Покрај големиот број на театарски и филмски улоги, оваа улога дополнително и ја зголеми самодовербата и ѝ даде ветер во грб за сите следни филмски предизвици.
1. Како Вие, како Наталија Теодосиевa, ја доживеавте улогата на Родна?
- Уште од првото читање на сценариото Родна најмногу ми го привлече вниманието. Ја доживеав нејзината брзоплетост уште на хартија, Милчо многу прецизно си ја имаше напишано. Се разбира дека во текот на процесот нови работи се откриваа во врска со нејзиниот карактер, но нејзиниот емотивен ролеркостер е она што уште од првиот ден ме задржа кај нејзе и ме натера да се пуштам во нејзината авантура.
2. Дали можете да ја претставите Родна во три реченици?
- Родна сака да е сакана. Родна бира и брзо пристапува. Родна е непоправлива оптимистка.
3. За Родна велат дека е тврдоглава, страсна и темпераментна жена со многу љубов. Дали и зошто е тоа така?
- Да, Родна е тоа. Кај нејзе просторот за компромис е тесен, тврдоглава е во тој поглед, но она што го сака или за оној кој го сака ќе оди до крај, па макар тоа да ја чини пропаст. Нејзиниот темперамент е нешто на кое прво ќе се сетите размислувајќи за нејзе, на пример сцената во маркетот кога физички напаѓа една нервозна мајка, зборува и за нејзиниот низок праг на толеранција кога гледа како некој вознемирува дете, што мене искрено ми е баш симпатично, едноставно таа не може да преќути на еден таков настан. Од друга страна, кога станува збор за љубовта што ја дава во голема мера, и како таква ја очекува за возврат, ни зборува за нејзината страст и нејзините радикални одлуки.
4. Според Вас, луѓето треба да бидат борбени, упорни и силни за да го добијат тоа што го сакаат. Вие мислите дека тоа е клучот за успех и реализација на сите зацртани цели?
- Навистина не знам да ви одговорам во врска со клучот, настаните во животот се толку непредвидливи што веројатно треба да се има по неколку резерви, и тоа не само клуч за успех. Борбеноста и упорноста ќе се исплатат, некако, некогаш, но мене се ми се чини дека најважно ми е колку ме исполнуваат и ме прават среќна средствата и мотивите со кои се служам додека сум упорна.
5. Дали според Вас, Врба беше најголемиот скок во вашата филмска кариера?
- Иако не е прв долгометражен филм во кој толкувам голема улога, Врба е филмот кој ми даде ветар во грб, а имам уште многу за прелетување.
6. Во филмот, неколку сцени ни го растреперуваат срце, а посебно упатеното прашање до Бранко “Умееш ли ти да сакаш?“. Какви чувства и емоции крие оваа сцена и колку е потребно за љубов?
- Родна го избра Бранко таа ноќ на дождот, гледајќи го од балкон како седи и чека полиција, таа правичност ретко се гледа кај човекот. Едноставо таа реши дека баш него ќе го сака. Сцената нема скриени емоции, се’ што Родна кажа во таа реплика е тоа што нејзе и вирее во главата, ни помалку ни повеќе. Баш поради тоа и на крај го остава, зашто нејзиното умеење да сака не е истото како кај Бранко. Сепак, љубовта не мислам дека треба да се мери, таа просто се случува.
7. И за крај, кажете ни неколку причини поради кои треба да го гледаме филмот „Врба“. Што е тоа што ќе го привлече вниманието на гледачот?
- Врба е искрен филм. Филм кој зборува за љубовта, љубовта што боли, љубовта за љубов, љубовта за нов живот, љубовта за детето, љубовта за мајчинство и за љубовта што не штити, некогаш и премногу.
Европскиот филмски предизвик се заблагодарува на укажаната чест и привилегија за лично да разговара и да ја доживее и пренесе улогата на Родна до сите читатели и љубители на филмот. Филмот „Врба“ гледајте го на официјалната и легална платформа HBO, регистрирајте се на https://europeanfilmchallenge.eu/mk/, собирајте поени и станете потенцијален добитник на наградата – патување во Кан, на Канскиот Филмски Фестивал.Alt text